Марко Бранка поранешен спортски директор на италијанскиот великан Интер, рече дека потег на деценијата била продажбата на Ибрахимовиќ во 2009 година во Барселона, зашто ако тоа не се случело, во Милано немало да дојдат низа клучни играчи од Самуел Ето и Диего Милито, па се до Горан Пандев и немало да ја освојат ЛШ година подоцна.
Интер во 2010 година под палката на Жозе Мурињо дојде до „триплета“ и третпат во историјата стана европски првак, а македонската легенда беше последната алка на „нераѕурите“ во шампионскиот тим, откако како слободен играч дојде во зимата 2010 година и имаше голем придонес во историскиот успех.
„Таа продажба на Ибрахимовиќ во Барселона во 2009 година е најголемиот бизнис, прво зашто трансферот беше бомбастичен, ама од друга страна затоа што ни овозможи многу други работи кои следната година ни донесоа историја. Тој договор за трансфер, не ни го донесе само Ето, туку ни дозволи да ги донесеме и Милито, Лусио, Мота и Пандев, а на крај сите знаете како сѐ заврши“, рече Бранка.