Мадридскиот клуб Рајо Валјекано донесе неочекувана одлука да го продаде македонскиот голман Столе Димитриевски, една година пред истекот на договорот, зашто мадриѓаните веќе тргнале во атак да донесат нов чувар на мрежата – Луис Максимилијано од Лацио.
Иако Димитриевски неодамна објави дека посакува кариерата да ја заврши во Рајо, чиј член е од 2018 година, а се најавуваше дека наскоро шпанскиот тим ќе му даде нов договор, неочекуван пресврт има сега со одлука на Рајо да ја продаде досегашната „единица“.
Сепак, според „Гол Дигитал“, продажбата на Димитриевски ќе зависи од доаѓањето на Максимилијано, кој има искуство од шпанскиот фудбал со настапи за Гранада, а 8,5 милиони евра е понудата за него за да го земат од Рим.
Димитриевски беше на листата на желби на Реал Мадрид и сѐ уште останува отворена опцијата за да биде купен од „кралскиот клуб“ како резерва на Тибо Куртоа, зашто украинскиот голман Андреј Лунин се премислува за останување (има договор до идното лето), па за заминување од шпанскиот великан.