Турскиот тинејџер Арда Ѓулер веќе неколку дена е хит во шпанската спортска јавност поради интересот кој го искажаа двата најголеми великани од Пиринеите, па иако воведната офанзива ја направи Барселона, последните информации велат дека фудбалскиот бисер на Фенербахче е многу блиску до Реал Мадрид.
Барселона пред неколку дена беше во пол-позиција откако спортскиот директор Деко отпатува во Истанбул, но „Марка“ тврди дека ситуацијата драматично се променила и Ѓулер претпочитал да потпише за Реал, бидејќи од најмали нозе сонувал да го облече белиот дрес.
Оваа информација на „Марка“ ја надополни и „АС“ кој исто така е еден од водечките медиуми во шпанската престолнина, со напомена дека официјалната промоција може да биде во наредните неколку дена.
Официјалната сума за Ѓулер ќе изнесува 17,5 милиони евра, пари кои Фенербахче ќе ги добие без никакви преговори, бидејќи токму толку изнесува неговата откупна клаузула.