Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ продолжува да победува во светот на тенисот на најголемите турнири овојпат на Вимблдон, иако има освоено сè, тој постојано си наоѓа мотивација која му помага.Ја оствари и втората победа, сигурно во три сета против австралиецот Томпсон.
Ѓоковиќ не е многу популарен кај Британците, публиката на Вимблдон често навива против него, но тој нема проблем со тоа, напротив.
„Тие ми прават услуга. Колку повеќе навиваат против мене, толку подобро, тоа ми дава мотив, така во мене будат нешто што можеби не сакаат да го видат. Добро е публиката да биде на твоја страна, но најчесто се против мене, така одредила судбината“, вели Ѓоковиќ.
Новак го коментираше и неговиот дуел со Станислав Вавринка во третото коло на Вимблдон.
„Сакав да играм против него. Тој ми има скратено две гренслем-титули, двапати ме победуваше во финалиња. Стен е супер човек, има речиси 40 години, многу операции на колената и уште добро се држи, инспирација е за сите. Да не заборавиме дека има три гренслем-титули, а бил и олимписки првак и освојувач на Дејвис купот“, додава Ѓоковиќ.