Бразилската суперѕвезда Винисиус Жуниор е еден од најдобрите фудбалери на Реал Мадрид, но како тинејџер бил жесток навивач на најголемиот ривал Барселона, така тврди менаџер и фудбалски скаут од најфудбалската земја, Андреа Кари.
Винисиус во Реал Мадрид дојде како тинејџер и со педигре на најталентираниот Бразилец, што на теренот и го демонстрира, иако е во немилост кај ривалите и навивачите поради начинот на прослава и нескротливата желба да ги понижи противниците. Но, ако навивачите во Реал го обожуваат, изјавите на Кари сега воопшто нема да им се допаднат, ако тоа се потврди дека е вистинито – дека Бразилецот бил „кулер“ (жесток навивач на Каталонците).
„Винисиус беше ‘кулер’ (навивач на Барса – н.з.). Верувајте ми вистински ‘кулер’. Можам да ви откријам дека плачеше од радост кога Барселона го победи ПСЖ со 6-1 во Лигата на шампионите (најголемиот пресврт во еден двомеч во елитата – н.з.)“, истакна Кари.
Винисиус во Реал дојде во 2018 година од Фламенго за 45 милиони евра и за овие пет години има 225 меча за „кралевите“ во кои даде 59 гола и запиша 64 асистенции.