Големиот талентиран бразилски напаѓач Витор Роке ќе стане сопственост на Барселона и тоа во трансфер кој е втор во историјата на Јужна Америка.
Бразилски „Глобо“ тврди дека зделката е завршена и дека Атлетико Параненсе може да инкасира максимум 74 милиони евра од овој 18-годишен напаѓач. Фиксната сума, која Каталонците ќе ја платат на Атлетико е 40 милиони евра, според „Глобо“, а уште 21 милион евра е на име на бонуси по повеќе основи, дури и за освојување на Златна топка.
Преостанатите 13 милиони евра се за даноци и провизии за агентите, што исто така паѓа на товар на Барселона, па се доаѓа до вкупна сума од 74 милиони евра, два милиона повеќе од што Реал го плати за 16-годишниот Ендрик од Палмеирас, минатото лето.
Затоа Витор Роке е втор трансфер во историјата не само на Бразил, туку на Јужна Америка, вели „Глобо“, понизок само од Нејмар, кој ја чинеше Барса 88,4 милиони евра. Фудбалерот потпишал шестгодишен договор со Барселона, но дополнителен бенефит за Атлетико Параненсе е фактот што нема веднаш да замине во Европа, туку ќе ја доигра календарската 2023 и дури во јануари ќе дојде во Каталонија. Ако сето ова е малку, кога Барселона ќе го продаде Роке, Атлетико ќе добие 20 проценти од отштетата.
Роке беше најдобар стрелец на Јужноамериканското првенство за фудбалери до 20 години, во јануари, но не настапи на штотуку завшениот Мундијал во Аргентина, во истата возрасна категорија. Веќе дебитираше и за сениорската селекција на Бразил, на пријателски меч со Мароко, а во тековната сезона во Бразил има седум гола на 13 меча. Тој е фудбалер кој шутира со десната нога, милува да игра како класичен центрафор, но со своите 172 сантиметри знае да биде брз и продорен, па настапувал и како десно крило.