Македонскиот првак Струга Трим Лум одигра без голови на гости против Жалгирис во првиот натпревар од воведното квалификациско коло во Лигата на шампионите. Тимот на Шпетим Дуро одигра цврсто во одбраната, а преку Буњамин Шабани во првиот дел, и посебно преку Валентин Кочоски во 86.минута, имаше можност да стигне и до триумф. Жалгирис беше добро неутрализиран, Хнид имаше убава можност во 15.минута, но Ќосевски одлично интервенираше.
Бопесу можеше во финишот да донесе победа за Жалгирис, но, за среќа на стружани, не беше прецизен.
Патникот во следната рунда ќе се решава на реваншот во Охрид на 18.јули. А наградата за подобриот е дуел против турскиот шампион Галатасарај.