Шведската пливачка Сара Шестрем стана најодликуваната во историјата на светските првенства за водни спортови, стигна до златото на 50 метри слободно, што е нејзин 21. медал во кариерата од светските првенства, 12. златен. Со тоа го надмина легендарниот Американец, Мајкл Фелпс, кој досега важеше за најтрофеен на пливачките мундијали со вкупно 20 медали (од нив 15 златни и пет сребрени).
Шестрем, има 29-години, на СП во Фукуока дојде со 19 индивидуални медали (10 златни, шест сребрени и три бронзени), по што успеа двапати да стигне до титулата, на 50 метри пеперутка и на 50 метри слободно. Патем, во второво финале, исплива 23 секунди и 62 стотинки, само еден стоти дел од секундата побавно од светскиот рекорд што го постави во полуфиналето. На целата колекција има додадено само еден екипен, сребрен од штафетата на Шведска на 4х100 метри мешано, во Казан, во 2015 година.
На ова Светско првенство, Фелпс беше поминат и од една друга девојка, неговата сонародничка Кејти Ледецки и тоа по бројот на златни медали на светските првенства, повторно не сметајќи ги штафетите, односно само поединечни. Ледецки освои два за да дојде до 16, а Фелпс има 15.