Кристијано Роналдо уште еднаш се покажа како клучен за екипата на Ал Наср и тоа овој пат кога најмногу беше потребен. На гостувањето кај Замалек во Египет, во рамки на групната фаза од Араб купот, Ал Наср не смееше да загуби за да го задржи второто место и да продолжи во четвртфиналето.
Меѓутоа, домаќините поведоа со 1-0 во 53. минута, од пенал и на тимот на Роналдо му се закануваше елиминација. Сепак, Португалецот стапи на сцена во критичните моменти, па во 87. минута, реагираше одлично на нафрлување и со глава постигна гол за 1-1.
Ал Наср го сочува второто место во групата, со 5 бода, Замалек остана трет со четири, последен е туниски Монастир, а прв со седум бода е Ал Шабаб, исто така од Саудиска Арабија. Во четвртфиналето, Роналдо и соиграчите ќе се соочат со Раџа Казабланка, од Мароко.
Ова беше втор гол за Роналдо во три натпревари во „арапската Лига на шампионите“ и вкупно 16-ти, за Ал Наср.