Шпанија е прв полуфиналист на СП за жени во Нов Зеланд и Австралија, откако ноќеска ја совлада Холандија (2-1) и тоа по продолженија, по регуларните 90 минути резултатот беше изедначен (1-1).
Шпанките првиот гол го постигнаа на крајот од првото полувреме, но ВАР-собата утврди дека Хермосо била во офсајд, а во второто на „лалињата“ им беше одземен досуден пенал по реакција на модерната технологија. Мариона Калденти со прецизно изведен удар од белата точка во 81. минута конечно го отвори резултатот, по играта со рака во шеснаесетникот на Стефани ван дер Грагт. Тоа не ги деморализира Холанѓанките, кои веднаш тргнаа по изедначување, до кое дојдоа во судиското надополнување и тоа преку Грагт, која со ефектен погодок се „извади“ за направениот пенал.
Шпанските фудбалерки беа поконкретни и поопасни во судиското продолжение, а хероина на Шпанија беше Сара Параљуело, која во 111. минута го постигна победничкиот погодок. Најмладата во тимот на „црвената фурија“ се проби до шеснаесетникот по левата страна, ја измами противничката фудбалерка и со левата нога упати неодбранлив дијагонален удар во долниот десен агол од холандскиот гол.
Шпанија во полуфиналето ќе игра со победникот од мечот меѓу Јапонија и Шведска.