Њукасл, кој ќе игра во ЛШ првпат по две децении убедливо тргна во новата сезона во англиската елита, па амбициозната Астон Вила ја здроби вечерва на „Сент Џејмс Парк“, победувајќи со 5-1.
Њукасл најави дека и во оваа сезона ќе игра многу важна улога во англискиот фудбал, а јунак во триумфот беше шведскиот репрезентативец Александер Исак со два гола (16-та и 58-ма минута), додека дебитантски погодок во Премиерлигата запиша летното бомбастично засилување од Милан, Сандро Тонали (6-та минута).
Калум Вилсон беше стрелец на четвртиот гол во 77. минута, а Харви Барнс стави печат на убедливата победа со последниот петти гол во 91-та минута од дуелот.
Муса Дијаби беше стрелец на единствениот гол за Астон Вила во 11-та минута за израмнување, а сѐ потоа беше во знакот на црно-белите.