Младиот италијански тенисер Јаник Синер е освојувач на Мастерс 1000 турнирот во Торонто, откако во финалето со 2:0 во сетови го победи Алекс де Минаур. За Синер ова е најголем успех во кариерата и прв освоен Мастерс 1000 турнир. Претходно играше две финалиња, но ги загуби, а сега му се случи „трета-среќа“.
Седмиот играч во светот според АТП-листата ја оправда улогата на фаворит и прилично лесно го победи Австралиецот, кој е на 18-тото место на АТП-листата. Само во првиот сет Де Минаур му даде отпор на противникот, но Италијанецот на крајот го доби сетот со 6:4.
Вториот сет започна со 1:1, а потоа 21-годишниот Италијанец доби пет гејма по ред и на крајот го доби убедливо со 6:1. За Синер ова беше вкупно осма АТП-титула во кариерата.