Кошаркарите на Летонија шокантно ја поразија Франција. „Триколорите“ прокоцкаа плус 13 завршија со Мундобаскетот и си одат дома. Сребрената селекција од последните ЛОИ во Токио, Франција не ја мина првата група, после неверојатниот кам-бек кој го режираше Летонија со победата со 88-86 и ги спакува „триколорите“, приредувајќи го првиот шок на Мундобаскетот. За Франција ова е втор пораз по воведниот дебакл со 30 разлика од Канада пред два дена.
Франција цел меч водеше, пред крај на третата четвртина имаше најголеми плус 13 (72-59), во последниот период влезе со плус 12 (74-62) и на крај успеа да го загуби дуелот. Летонија првпат поведе на 38 секунди пред крајот, откако дотогаш успеаа да ја стопат предноста на „триколорите“ на само поен негатива, па после фаулот во напад на Руди Гобер, Роландс Шмитс со две слободни фрлања ја донесе првата предност на мечот и на крај Летонците дојдоа до победа.
Два напади не искористија Французите, првиот преку својот најдобар стрелец Еван Фурние, а вториот за победа со шут во последна секунда на Силван Франсиско, а претходно Артурс Жагарс погоди едно од двете слободни фрлања.
Џабе беа 27-те поени на Фурние како најефикасен, но само два даде во последната четвртина (од линијата за слободни фрлања на 70 секунди пред крајот), а Гершон Јабуселе додаде 18 поени, додека Николас Батум имаше 13 поени.
Кај Летонија, Жагарс и Шмитс беа предводнци, првиот со 22 поени и пет асистенции, а вториот со 20 поени. Давис Бертанс додаде 15 поени.