Рајо Валјекано ја оствари третата победа во пет кола во Ла Лига, а Столе Димитриевски, кој брзо заздраве по повредата од дуелот со Италија, има трета „чиста мрежа“, откако мадридскиот клуб славеше со 2-0 против Алавес на отворањето на новата рунда во шпанската елита.
Рајо даде по еден гол во двете полувремиња, а Димитриевски запиша една интервенција, гостите само еднаш успеаа да шутнат во неговата рамка од голот, па заслужено ги освоија трите бода со кои се искачија на четврто место со девет бода.
Иси Палазон од пенал во 43-та минута погоди за водство откако Рајо не успеа во првите десет минути да поведе по две извонредни шанси. Алваро Гарсија стави печат на триумфот со втор погодок осум минути пред крајот, откако повторно Рајо во раната фаза од вториот дел прокоцка две шанси.
За Алавес ова е трет пораз сезонава и со шест бода привремено е на 12-то место.