Одбојкарите на Полска се нови европски шампиони, откако вчера неочекувано лесно го совладаа досегашниот првак Италија со 3-0 (25-20, 25-21, 25-23) во Рим.

Полјаците со ова ја докажаа класата што ја демонстрираа уште во прелиминарната фаза во Скопје, каде што убедливо ги преслушаа сите пет ривали, меѓу кои беше и Македонија. Тие предводени од бомбарадерот Леон беа доминантни во сите три сета од финалето, во кое во ниту еден момент не му дозволија на противникот да се надева на триумф. Ова е втора европска круна за Полска и своевиден реванш на Италијанците за поразот во финалето од Светското првенство на кое тие беа домаќини.

Ова европско првенство ќе остане запаметено и по историскиот пласман на Македонија во нокаут фазата, каде што во осминафиналето загуби од Италија. Ќе остане засекогаш запишано дека нашите одбојкари биле меѓу најдобрите 16 селекции во Европа, но и дека имале чест да одиграат средби со двајцата финалисти.