Желбата да се поправи впечатокот во Тампере и да се фати последниот воз за осминафиналето се забележа во првиот сет, кога игравме рамноправно со Турците, иако тие почнаа да се одлепуваат како сетот влегуваше во решавачка фаза (15-12, 21-18). Сепак, со добра одбрана и еден добар блок успеавме да врзиме два поена и имавме напад за 23-23, меѓутоа попушти концентрацијата и останавме на 22 поена.
Ваквиот развој, изгледа се одрази на мотивацијата и на фокусот на македонските одбојкари, па вториот сет беше катастрофален, со почеток од 6-0 за Турците, со максимални +14 (19-5) и без ништо вредно за сеќавање. Колку и да изгледаше дека работите се подобри во третиот сет, бидејќи Македонија имаше предност од плус два, се случи необјаснив пад. По 10-8 за нашата репрезентација, замрзнавме на таа „десетка“, а Турците направија неверојатна серија од 12-0 и тотално не посрамотија.
До крајот на групната фаза остануваат уште натпреварите со Шпанија (утре 16ч.) и со Русија (среда 16ч.), меѓутоа без шанси за осминафиналето, особено не со играта која ја прикажавме денеска. Целта сега е, веројатно, да се поправи впечатокот и, барем, да се обели образот со проштална победа.