Минхенски Баерн триумфираше во дуелот на титаните на бившите европски прваци против Манчестер јунајтед во спектакл со седум гола (4-3). Арсенал и Наполи триумфално ја започнаа новата сезона во ЛШ, а европскиот вицепрвак Интер киксираше со реми во Сан Себастијан кај Реал Сосиедад, реми кое го извади во завршницата од мечот.
Манчестер јунајтед имаше колосална шанса по четири минути игра која не ја искористи, а потоа на сцена стапи Онана со лоша интервенција на ударот на Лирој Сане и после тој гол „црвените ѓаволи“ се распаднаа. Сане погоди во 28-та, а четири минути потоа Серж Гнабри ја удвои предноста и Баерн Минхен направи чекор кон победата.
Данецот Расмус Хојлунд го врати Јунајтед во дуелот со гол во 49-та минута, но брзо новата аквизиција Хери Кејн во 53-та ја врати предноста, за Онана потоа со неколку интервенции да спаси потоп за англискиот великан, колку да се извади за киксот по кој Јунајтед се загуби на „Алијанц Арена“.
Касемиро две минути пред крајот даде втор гол за да ја направи поинтересна завршницата во досадната последна четвртина од мечот, за потоа Баерн брзо да одговори, Томас Милер со дирек, а во продолжението на акцијата Матијас Тел во 92-та минута ја завери победата со четврти гол. На крајот Касемиро со втор гол во 94-та минута донесе седми гол на мечот.
Арсенал лесно и убедливо го демолира ПСВ Ајндховен на „Емирати“, со победата од 4-0, која уште во првиот дел беше обезбедена откако „топчиите“ дадоа три од четирите голови.
Букајо Сака во осмата минута, Леандро Тросар во 20-та, и Габриел Жесус во 38-та погодија во првиот дел за триумфот веќе да биде сигурен, а Мартин Одегард во 70-та ја запечати победата.
Македонскиот дијамант Елиф Елмас доби 24 минути во Брага, а неговиот Наполи победнички тргна во ЛШ, со автогол на Никиате две минути пред крајот откако Џовани Ди Лоренцо даде гол за водство во 45+1-та минута, а Брума израмни во 84-та минута од мечот.
За разлика од наполитанците, Интер се спаси од пораз во Сан Себастијан со гол на Лаутаро Мартинез на три минути пред крајот, откако баскискиот тим уште од четвртата минута на натпреварот имаше водство и не успеа да го задржи. Маркус Турам даде гол осум минути пред Лаутаро, но ВАР го поништи, па аргентинскиот напаѓач беше спасителот на „нераѕурите“.
Бенфика загуби во Лисабон со 0-2 од Салцбург, а Севилја и Ланс ремизираа 1-1.