– Сметам дека го потврдивме реномето и не бевме попусто сметани за еден од фаворитите за висок пласман. Имавме добри резултати – пет победи, две нерешени и два минимални порази. Задоволни сме од добрата игра и од залагањето на сите играчи, се играше за секој поен, но, едноставно, недостигаше малку спортска среќа за нешто повеќе. Навистина покажавме висока класа и не потфрливме меѓу силните светски селекции. Посакувавме екипен медал, но се надевам дека ќе го освоиме во некој следен настап. Мора да кажам дека петто место во светот за еден шаховски клуб е резултат за почит, особено што зад нас се селекции од земји како што се Канада, Полска и Словачка. Искрено, сметам дека во иднина повторно ќе имаме шанса да играме за висок пласман и да донесеме трофеј што ќе ги израдува шаховските вљубеници во земјава, но и самата држава и компанијата која стои зад нас и која ни ја дава потребната поддршка – изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.
На крајот беа доделени и медали за најуспешните играчи по табли, при што ВМ Трајко Недев го освои сребрениот медал на втората табла, зад Кајданов од САД, а пред Годена од Италија. ВМ Кирил Георгиев и ВМ Звонко Станојовски беа четвртопласирани во конкуренцијата на првата и на четвртата табла, односно малку недостигаше за да стигнат до бронза.
Од другите македонски екипи добар резултат постигнаа ветераните кои играа во категоријата на играчи над 65 години и кои на крајот беа на делба од 11. до 13. место (според тај-брејк, дванаесетти), иако според почетниот рејтинг беа на 18. место.