Продолжува дебатата за тоа кој е најдобар на сите времиња, а која е актуелна изминативе години, неодамна се вклучи и поранешниот аргентински тенисер, Гвидо Пелја, кој го кажа своето мислење кое дефинитивно нема да биде добро прифатено од навивачите на Новак Ѓоковиќ.
Според некогаш 20. тенисер во светот, Србинот дефинитивно е најдобар во историјата, но најголем што некогаш заиграл во овој спорт е – Роџер Федерер.
„Ѓоковиќ според статистиките, трофеите, ранкингот, дефинитивно е најдобар на сите времиња, но Федерер е нешто посебно – тој е синоним за тенискиот спорт. Никој никогаш нема да биде како Роџер, неговата елеганција, скромност и почит кон ривалите, како и неговото однесување на теренот и надвор од него се неповторливи работи. Федерер изгледаше како воопшто да не вложува никаков напор. Не вика, не слави, не се поти, тој имаше антиципација како никој друг во тенисот, да знае каде ќе оди топчето. Затоа сум убеден дека никој не му донесе на тенисот толку многу работи како Швајцарецот“, изјави Пелја.
Аргентинецот има освоено една титула во кариерата, а на гранслем-турнирите најдобар пласман му е четвртфиналето на Вимблдон во 2019.