Тоа е втор триумф сезонава за сплиќаните во дуелите со својот најголем ривал бидејќи победи и во првиот натпревар на Максимир, на отворањето на првенството во ХНЛ. Херој на денешниот натпревар беше поранешниот играч на Работнички Емир Сахити кој го постигна голот за победа во 59. минута, на асистенција на македонскиот репрезентативец Александар Трајковски.
По постигнатиот гол, Хајдук се повлече на својата половина и го бранеше тешко стекнатото водство, па Динамо го заврши натпреварот со 67% посед на топка и 15 упатени удари кон противничкиот гол. Сепак, до промена на резултатот не дојде, на задоволство на над 30 илјади гледачи на Пољуд кои пред натпреварот го прославија големиот јубилеј – 100 илјади членови на Хајдук.
Сплитскиот тим од вечерва повторно е на чело на табелата во хрватскиот шампионат со 21 бод, два повеќе од Ријека и пет од Динамо кој има натпревар помалку. Хајдук чека шампионска титула во ХНЛ од 2005 година.