Франција, Белгија и Португалија со вчерашните победи обезбедија пласман на големиот турнир ЕВРО 2024 кој следната година ќе се одржи во Германија.

Најинтересниот дуел се одигра во Амстердам, во групата Б меѓу Холандија и Франција, каде Французите победија со 1-2 благодарение на головите на Килијан Мбапе. Првиот го постигна во петтата минута по додавањето на Џонатан Клаус, а вториот беше фантастичен.


Во 53. минута одигра двојно додавање со Адриен Рабио. Еден соиграч му ја спушти топката на работ од шеснаесетникот, а Мбапе додека таа уште скокаше упати фантастичен удар во спротивниот агол на голманот Барт Вербруген. Франција на тој начин обезбеди пласман на ЕП каде директно одат по две репрезентации од секоја група. Стрелец за Холандија беше Квилиндши Хартман во 83. минута.

Французите имаат максимални 18 бодови, а пред крајот на квалификациите ги очекуваат уште два натпревари. Грција е второпласирана со 12 бода откако ја совлада Ирска со 2-0.

Холандија има девет бода и е на третото место, што значи дека ја чека битка со Грците за да обезбеди директен пласман и со тоа да избегне дополнителни квалификации.


Во групата Ф се одиграа два натпревари. Белгија ја победи Австрија со 3-2 и има 16 бода, со што обезбеди и пласман на ЕП 2024 што ќе се одржи во Германија. За Белгија двапати погоди Доди Лукебакио, а еден додаде Ромелу Лукаку.

Конрад Лајмер и Марсел Сабицер погодија за Австријците, кои останаа без победа во директниот дуел за врвот, иако во последните 15 минути имаа играч повеќе бидејќи Амаду Онана во 78. минута доби втор жолт картон.

Азербејџан претходно ја победи Естонија на гости со 0-2. Со натпревар помалку Шведска е на третото место со шест бодови. Азербејџан има четири бодови, а Естонија еден.

Се одиграа три натпревари во групата Ј. Босна и Херцеговина го совлада Лихтенштајн со 2-0 со головите на Амар Рахмановиќ и Мирослав Стевановиќ, па сега имаат девет бода и се на четвртото место.


Португалија во возбудлив натпревар ја победи Словачка со 3-2, одржувајќи совршен рекорд.
Гонсало Рамош го постигна првиот, а Кристијано Роналдо следните два гола за португалската репрезентација која како првопласирана ќе оди на Европското првенство. Словачка за малку ќе се вратеше, но не беа доволни головите на Давид Хенк и на Станислав Лоботка. Словаците се втори со 13 бода.

Исланд и Луксембург одиграа 1-1. Луксембуржаните се трети со 11 бодови, Исланѓаните имаат седум, а Лихтенштајн е на дното без бодови.