Македонија и Ерменија ќе го одиграат 12-от меѓусебен меч вечерва во Ереван во претпоследното коло од овие мундијалски квалификации за СП во Катар догодина, во кој на двете селекции ѝ е неопходна победата, а црвено-жолтите немаат баш убави спомени од гостувањата зашто само еднаш успеале да победат и тоа пред – 16 години.

Македонија прв и последен пат ја победи Ерменија на 4 јуни 2005 година, тогаш под водство на легендарниот Слободан Сантрач со два гола на доскорешниот капитен Горан Пандев, а од тој меч во актуелниот состав на македонската селекција единствен сведок на победата е помошникот на Благоја Милевски, Влатко Грозданоски.

 

Пандев во 29-та минута од пенал, па во 47-та ја обезбеди победата, за Ерменија гол даде Едгар Манучарјан во 55-та, а на тој меч Македонија играше со Филип Маџовски на голот, Сашко Лазаревски, Горан Попов (од 59. Миле Крстев), Гоце Седлоски, Александар Васоски, Александар Митрески, Роберт Попов, Величе Шумуликоски (од 85. Игор Кралевски), Горан Пандев, Влатко Грозданоски и Горан Мазнов (од 68. Исмаил Исмаили).

Од оваа победа Македонија во следнава деценија не успеа ни еднаш да стигне до бод, доби две „четвроки“, во 2011 (1-4) и во 2018 (0-4), а последниот пораз како гости е на Кипар со 0-1 во минатиот циклус во Лигата на нации.
Сега пред оваа генерација е шанса да се прекине црната серија на гостувањата, а победата е неопходна за да се задржат теоретските шанси за баражот за СП. Веројатно оваа генерација во третиот свој меч откако се склопи во 2017 година ги научи лекциите и ќе го испорача тоа што цела македонска јавност од неа го очекува.