Фудбалската репрезентација на Македонија У21 имаше неславно гостување во Молдавија и загуби со 2-1 (0-0), иако скоро цело второ полувреме го одигра со фудбалер повеќе. Македонските „рисови“ имаа бројчана предност и шанса да дојдат до победа, но одбраната не беше на висина на задачата и доживеавме минимален пораз од просечната Молдавија.

Во првото полувреме  се играше израмнето и немаше премногу со шанси, но потоа Македонија почна да ја презема иницијативата.

 

Беше очигледно дека нашите надежи беа за нијанса порасположени и имаа две солидни прилики, но без реализација. Молдавија еднаш се обиде сериозно во самиот финиш на полувремето, но голманот Алчевски беше на висина на задачата и спречи водство за домашниот тим.

Во 52. минута, Марио Илиевски влезе во жесток дуел со Даниел Дану, кој потоа со копачката намерно го удри нашиот офанзивец, по што заработи директен црвен картон. Избраниците на Драган Канатларовски имаа човек повеќе на теренот, но Молдавија приреди изненадување и постигна гол само три минути по исклучувањето на Дану.

Нашите надежи веднаш тргнаа силно кон противничкиот гол и тоа бргу вроди со плод, откако Лука Станковски во 60. минута го израмни резултатот на 1-1. Играчот на Газиантеп набргу потоа се обиде уште еднаш со удар од далечина, но ударот мина крај голот. Во продолжение се обидоа Деспотовски и Максимов, имаше шанса и Тодоровски, но домашната селекција приреди нов шок за Македонија кога поведе со 2-1 прекуМихаи Лупан во 85. минута. Одбраната повторно премногу лесно им дозволи на Молдавците да влезат во шеснаесетникот и тоа резултираше со гол за победа на Молдавцит и конечни 2-1. Во финишот постигнавме гол кој беше поништен од судиите, но истиот требаше да биде регуларен и се чини дека нашата селекција беше оштетена.

Младата македонска репрезентација пропушти голема можност за добар резултат и го запиша вториот пораз во квалификациите за Европското првенство. Нашите надежи остануваат на три бода од три одиграни натпревари, а во следното коло ќе игра со Грузија на домашен терен.