Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз е лидер на новата генерација тенисери и јасно е дека претстојната деценија ќе биде еден од главните на АТП, но ако нешто сериозно не се смени, ќе има проблем да остане подолго на терените.
На 20 години, тој веќе има две Гренд слем титули, но и 10 повреди поради кои паузираше и пропушти голем број турнири, а сето тоа почнувајќи од 2021 година. Најдолгата пауза ја имаше минатата година кога беше во аут три месеци, од ноември до февруари и поради тоа не играше на завршниот Мастерс во Торино и на Австралија Опен.
Повреди во грбот и стапалото се причините поради кои Алкараз го откажа својот настап на турнирот во Базел и ќе загуби 180 бода, а сето тоа е последица на големиот напор и големиот број одиграни натпревари, дури 21 повеќе од Новак Ѓоковиќ. Неговиот тренер Мартинес Каскалес тврди дека Карлос се повредува поради експлозивното темпо кое го форсира тенисерот.
Сето тоа е спротивно на Новак Ѓоковиќ кој во својата кариера немаше тешки повреди, па поради тоа и најдолго се задржа на врвот на АТП листата. Последните години го продолжи својот век со тоа што не играше на сите турнири, туку ги бираше оние најважните, па можеше и да се одмори и да собере сила за она што го очекува. Така е и сега, последен турнир на кој настапи е УС Опен во септември, а ќе игра дури на Мастерсот во Париз кој почнува на 30 октомври.