Пресметката помеѓу Барселона и Реал Мадрид (16.15 часот), најголемото дерби во шпанскиот фудбал, а според многумина и најголемо во светот, ќе се одигра на – стадионот „Монжуик“ кој е привремен дом на Каталонците поради обновата на „Камп Ноу“.
Тоа ќе биде 187. првенствена пресметка, вкупно 254. официјален дуел, а воедно и приближување на 300. официјален натпревар на најголемите ривали, денешното Ел Класико ќе биде 297. средба на двата најтрофејни шпански клуба. „Монжуик“, пак, ќе биде 15. стадион на кој Барса и Реал Мадрид ќе вкрстат копја на официјални натпревари.
Денеска на теренот ќе нема некое епско ривалство налик на тоа на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои како фудбалери на Барселона и Реал Мадрид заедно освоија десет златни топки меѓу себе (6-4 за Аргентинецот). Но, тука ќе бидат некои нови деца. Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, кому ова ќе биде деветти „Ел Класико“ како тренер, има голема доверба во 17-годишниот Марк Гују, кој доби шанса во последните 15 минути во мечот против Билбао, а на што возврати со победничкиот гол веќе по 20 секунди на теренот. Се очекува тинејџерот денеска да добие повеќе време и простор бидејќи Чави се соочува со отсуство на голем број играчи, со оглед што во ростерот сигурно нема да ги имаат Де Јонг, Кунде и Роберто, додека Рафиња, Левандовски и Педри се незалечени и веројатно само еден од нив ќе добие шанса од клупата.
Реал Мадрид, пак, нема премногу проблеми со повреди. Паника меѓу навивачите на „кралскиот клуб“ предизвика Карло Анчелоти кога кон крајот на мечот против Брага во Лигата на шампионите го извади од игра Џуд Белингам, но за среќа на навивачите тоа беше само полесна повреда па тој ќе се најде во стартниот состав во пресметката со Барса. А, без него, „кралевите“ веројатно би биле далеку полош тим, бидејќи Белингам од доаѓањето од Дортмунд веќе се стекна со статусот на првата ѕвезда на тимот. И со право, бидејќи иако е играч од средниот ред, тој е најдобар стрелец во лигата и еден од најдобрите асистенти во Ла Лига.