Екипите на Ливерпул и Астон Вила не ја пропуштија шансата да освојат нови три бода во Премиерлигата, во улоги на фаворити на домашен терен. Ливерпул победи со 3-0 против Нотингем форест, а Астон Вила го совлада Лутон со 3-1.
На „Енфилд роуд“ епилогот беше најавен во првото полувреме, во рок од неполни пет минути. Во 31 мин. Диого Жота го отвори резултатот, а потоа уругваецот Дарвин Нуњез беше прецизен за 2-0. Нотингем остана без удар кон голот во второто полувреме, а опсадата на „црвените“ донесе само уште еден гол и тоа по голема грешка на гостинскиот голман Тарнер. Стрелец беше египетскиот репрезентативец Мохамед Салах, за осми гол сезонава, со што се изедначи со Хеунг-Мин Сон, на втората позиција во поредокот.
Натпреварот го одбележа обединетоста на „црвените“ поради лошиот момент за нивниот соиграч колумбиецот Луис Диас. Семејството на играчот беше киднапирано во Колумбија, а полицијата по голема драма успеа да го ослободи. Тој не беше во протоколот на Ливерпул, но сите играа за него.
Астон Вила го победи Лутон со 3-1, откако поведе со головите на Мекгин во првото полувреме и на Дијаби и на Локиер (автогол) во второто. Кога се беше јасно, светскиот шампион Емилијано Мартинез направи кикс на гол-линијата за да прими гол за конечни 3-1.
Непријатно беше изненаден Вест Хем, кој загуби на домашен терен од Евертон со 0-1 (Калверт-Луин во 51. минута), и Брајтон, кој одигра само 1-1 против Фулам пред својата публика. Ливерпул е трет со 23 бода, Астон Вила веднаш зад него со 22, Брајтон седми со 17, Фулам, Евертон и Нотингем се на 14., 15., и на 16. позиција.