Манчестер Сити е далеку пред својот градски ривал Јунајтед и можеби дефинитивно го откажа од борбата за шампионската титула.

На Олд Трафорд, актуелниот англиски и европски првак триумфираше со 3-0, благодарение на својот најдобар стрелец Ерлинг Халанд. Норвежанецот беше скоро еден месец без постигнат гол, а во последната недела дури пет пати ги тресеше противничките мрежи, еднаш против Брајтон и по два пати против Јанг Бојс во Лигата на шампионите и вечерва против Манчестер Јунајтед.

 

Првиот гол падна по пеналот што го доби Сити откако Хојлунд го повлече Родри во сопственикот шеснаесетник, а Халанд беше прецизен од белата точка. Пред крајот на првото полувреме, Норвежанецот имаше зицер, но Онана го одбрани неговиот удар од 5-6 метри со глава. Она што го пропушти, Халанд го претвори во гол по четири минута игра во вториот дел. Бернардо Силва центрираше од левата страна, Халанд со глава ја затресе мрежата на Онана.

Своето фантастично издание, центарфорот на Сити го заокружи со асистенција во 80. минута кога го проигра Фоден на еден метар од голот, за конечен епилог на овој дуел.

Со оваа победа, Сити е на третата позиција на табелата со два бода помалку од лидерот Тотенхем, додека Манчестер Јунајтед е осми, со 11 бода заостанување во однос на Спарс.

Најдобар играч на „ѓаволите“ беше голманот Андре Онана кој спаси уште неколку сигурни гола, а не можеше да одбрани сѐ, па трипати се тресеше неговата мрежа.