Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски уште еднаш се покажа во одлично светло во шпанската Примера, а неговиот Рајо Валјекано успеа да избегне пораз во пресметката со ривалите кои се борат за Лига на шампиони.
Македонскиот чувар на мрежата не можеше да направи ништо кога Ојаразабал на двапати погоди за пресврт од 1:2, но домаќините не се откажаа.
Бебе уште од времето во Манчестер Јунајтед е познат како фудбалер кој располага со топовски удар, а тоа го демонстрираше и денеска кога израмни на 2:2 во судиското продолжение.
Мечот на Ваљекас е вкупно 160. за кумановецот во дресот на Рајо Ваљекано, но јубилеен 100. за овој тим во елитната шпанска дивизија Ла Лига. Останатите 60 ги забележа додека екипата од мадридското предградие настапуваше во Сегунда, во сезоните 2019/20 и 2020/21.
Димитриевски е само 13. фудбалер во историјата на Рајо Ваљекано со троцифрен број настапи, четврти странец и прв голман кому му успеало тоа.