Италијанскиот шампион Наполи беше на раб од бездната, но во второто полувреме против Милан успеа да избегне пораз (2-2) во дербито од 10. коло од Серија А.
Екипата на Милан доминираше на теренот во првото полувреме и искористи две шанси преку францускиот голгетер Оливие Жиру во 22. и 31. минута за водство од 2-0.
Наполи во вториот дел, најпрво преку Матео Политано намали во 50. минута, а потоа израмни на 2-2 преку Џакомо Распадори.
Наполи во финишот остана со фудбалер помалку поради исклучувањето на Натан, но Квича Кварацкелија буквално во последниот напад можеше да обезбеди и победа. Сепак, Мајк Мењон го одбрани неговиот удар.
Милан имаше неколку шанси, меѓу кои и една преку Калабрија, но резултатот остана 2-2.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас беше стартер на мечот, но потоа тренерот Руди Гарсија реши да го замени на полувреме со Џовани Симеоне.
Милан останува трет со 22 бода, додека Наполи има четири помалку на четвртата позиција во Серија А.