Во првото полувреме црвено-жолтите имаа сигурна предност и постојано беа во водство. Македонија имаше иницијатива и добра организација во играта уште од воведните минути. Македонија поведе во натпреварот со 0-3, а Грција својот прв гол го постигна дури во шестата минута. Со чести ротации во составот, солидното издание на Никола Митревски на голот, Македонците го одржуваа водството, па стигнаа до највисоки пет позитива, 11-6 во 19. минута.
На полувреме резултатот беше 15-12 за нашата репрезентација, а највисоките плус пет ги имавме со 17-12 на почетокот од второто полувреме. Но Грците почнаа да се враќаат во игра и да ги користат нашите грешки. На средина од вториот дел, домаќините изедначија на 21-21.
Грција стигна и до првото водство во 50. минута, кое го зголемија и на плус два (26-24). Грците ја одржуваа оваа предност до самата завршница, последно со 29-27, но со головите на Филип Кузмановски и на Костески, Македонија успеа да избегне пораз и стигна до реми.
Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по пет гола ја предводеа нашата репрезентација, а голманот Никола Митревски имаше осум интервенции. Во составот на Македонија не беше вклучен само голманот Марко Кизиќ, кој најверојатно ќе добие шанса на втората контрола, утре, исто така од 17.30.