Стефанос Циципас и Григор Димитров ќе имаат пресметка во првото полуфинале од последниот тениски мастерс во 2023 година што се игра во Париз.
Седмиот носител, гркот Циципас, релативно лесно го победи Карен Хачанов од Русија, за час и пол игра, со 6-3, 6-4. Три сета му требаа на Григор Димитров, кој е 17. носител и, практично, приреди изненадување со елиминацијата на полјакот Хуберт Хуркач.
Полјакот, кој е победник на последниот одигран мастерс, во Шангај, во октомври, беше индиспониран во првиот сет и го загуби со 1-6. Во вториот направи обид да се врати, освојувајќи го со 6-4, но во третиот сет пресуди единствениот брејк поен, од единствената брејк-топка, за 6-4 за Димитров.
Грчко-бугарското полуфинале ќе биде осми меч меѓу Циципас и Димитров на АТП-турнирите, каде Гркот води со 5-2 во победи. Второто полуфинале ќе го пополнат подобрите од двојките Ѓоковиќ – Руне и Рубљов – Де Минаур.