Барселона одигра навистина многулош и просечен натпревар на гости во Сан Себастијан, беше целосно надиграна и во подредена ситуација, но на крајот успеа да победи на натпревар кој заслужи да го загуби.
Реал Сосиедад предводен од Иманол Алгуасил изгледаше навистина полетно и на моменти целосно го надигра фаворитот, но на крајот доби сурова казна за тоа што не реализираше ниту една од своите големи шанси.
Марк Андре Тер Штеген беше најдобриот играч на Барселона, ја сочува својата мрежа и со шест одбрани спречи сигурен пораз на Барселона, а кога дуелот влезе во самата завршница и се чинеше дека ќе дојде до поделба на бодовите, се случи она што често е случај во фудбалот подобриот да загуби.
Инфериорниот тим ја дочека својата шанса во 93-та минута, кога Гундоган мајсторски го проигра Араухо, а овој лукаво се прикраде и умешно биеше со глава за 0:1 и за три огромни бода.
Судиите најпрво досудија офсајд, ВАР снимката покажа дека се работи за регуларна ситуација, па Барселона освои незаслужени, но големи три бода во битката за титулата.