Фудбалерите на Абердин ќе играат во финалето на шкотскиот Лига куп, откако го совладаа Хиберниан (1-0) во натпревар во кој херој беше македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски.

Нашиот интернационалец истрча во стилот на Јусеин Болт речиси од едниот до другиот крај на стадионот и мајсторски, со левата нога, го совлада противничкиот голман.

„Посебно е чувството кога ќе добиеш ваков натпревар и тоа пред своите навивачи. Беше тежок меч, но заслуживме да прославиме на ваков начин. Голот го постигнав со последните сили, со последниот шут што можев да го упатам. Бев изморен бидејќи играв како единствен напаѓач, а имавме и играч помалку. Верувавме во себе, стигнавме до шанса, постигнавме гол и сега сме во финале. Покажавме менталитет на теренот, се браневме многу добро и бевме концентирани до последната секунда. Горд сум на овие момци. Го оставивме срцето на терен“, изјави Македонецот.

 

За Миовски ова ќе биде прв финален Куп-натпревар во кариерата.

„Никогаш не сум играл финале во Куп така да не знам какво е чувството, но знам дека ќе биде посебно за мене, за сите нас бидејќи долго време немаме играно во финале. Ќе биде посебен натпревар“, додаде Миовски.

Абердин за трофејот во Лига купот ќе се бори со победникот од второто полуфинале помеѓу Хартс и Глазгов Ренџерс.