Денешниот меч беше многу полесен отколку претходните три меча во кои многу се мачеше и мораше да игра три сета за да ги совлада Рубљов, Руне и Грикспор.Работата ја заврши за помалку од 100 минути, а на Димитров не му даде ниедна брејк топка.
Во првиот сет, клучен беше седмиот гем кој Ѓоковиќ го доби на сервис на Димитров за водство од 4-3. Откако веќе го скрши отпорот на противникот, во вториот сет освои два брејка, еден во петтиот и еден во последниот, деветти гем за победа и седма титула на Мастерсот во Париз.
Ова е негов 40. Мастерс трофеј и вкупно 97. титула во кариерата која најверојатно ќе го остави на чело на АТП листата до крајот на годината, а со тоа ќе ја надмине бројката од 400 недели на врвот. На утрешната ранг-листа, разликата меѓу него и Алкараз ќе биде 1.490 бода, а завршниот Мастерс кој почнува кон крајот на неделава носи 1.500 бода.