Светската автомобилистичка федерација ги додели наградите за најуспешните возачи во своите категории во ридско-брзински патеки, а сосема очекувано, главен фокус за македонската јавност беше признанието за Игор Стефановски.
Иџе се врати на трките кои му донесоа светска слава и на кои се прослави како двократен европски шампион, па после неколкугодишна пауза, повторно се закити со истиот примат.
Македонскиот автомобилист ја освои европската титула со своето Хјудани во „Групата 3“ во ридско-брзинските патеки, а тоа му донесе посебна важност на церемонијата која ја одржа ФИА.
Наградите се доделија во португалскиот град Брага, а оттаму пристигна и фотографијата на популарниот Иџе со новата европска титула.
Стефановски оствари седум победи на десет трки кои се возеа во европскиот шампионат изминатата сезона, што говори за доминацијата на најдобриот македонски возач.