Манчестер Сити и Лајпциг ја потврдија својата моќ и фаворитската улога во групата Г и по само четири кола обезбедија пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Сити уште еднаш го совлада Јанг Бојс и благодарение на гол машината, Ерлинг Халанд славеше со 3-0 за максимални 12 бода по четири одиграни натпревари. Норвежанецот постигна два од трите гола за својот тим, а третиот беше дело на Фил Фоден.

Германскиот Лајпциг триумфираше на гостувањето кај Црвена Звзеда со 2-1 и стигна до вкупно девет, осум повеќе од својот денешен противник и од Јанг Бојс, на две кола пред крајот на групната фаза. Чави Симонс по само осум минути ја затресе мрежата на домашниот тим, Опенда во второто полувреме зголеми на 2-0, а Хенрикс со автогол само ѝ даде надеж на Звезда која не успеа да дојде барем до бод. Во следното коло, Јанг Бојс и Црвена Звезда во директен дуел би можеле да одлучат кој ќе го освои третото место и ќе продолжи во Лигата Европа.

Исклучително важна победа оствари Милан кој славеше во дербито со ПСЖ со 2-1.  „Светците“ го отворија резултатот преку Шкринијар по само девет минути игра, брзо изедначи Рафаел Леао, а ветеранот Жиру во 50. минута му донесе победа на италијанскиот тим кој во последните две кола ќе се обиде да дојде до првото или второто место и да се избори за пласман во нокаут фазата.

Атлетико Мадрид го растури Селтик со 6-0. Шкотскиот тим играше со фудбалер помалку од 23. минута по исклучувањето на Маеда. Двојни стрелци беа Антоан Гризман и Алваро Мората, а погодија и Самуел Лино и Саул Нигез.

РЕЗУЛТАТИ
Борусија Дортмунд – Њукасл 2-0
Шахтер – Барселона 1-0
Милан – ПСЖ 2-1
Атлетико – Селтик 6-0
Црвена Звезда – Лајпциг 1-2
Лацио – Феенорд 1-0
Манчестер Сити – Јанг Бојс 3-0
Порто – Антверпен 2-0