Бранителот на трофејот, Македонија Ѓорче Петров минимално го совлада Силекс, стрелец на единствениот гол беше Алтин Алији во 66. минута од натпреварот. По една одбиена топка тој успеа да погоди, сместувајќи ја во противничката мрежа.
Воска пак успеа да направи историски успех, и првпат ќе игра во полуфинале во Купот на Македонија. До него стигна со победата од 1-0 на гостувањето кај Брегалница во Штип. Единствениот погодок на дуелот во 69. минута го постигна Јашаровски. Тој постигна прекрасен гол со глава, за триумф на тимот од Охрид. Претходно штипскиот тим остана со фудбалер помалку откако голманот Кире Новаков заработи директен црвен картон.
Фудбалерите на кавадаречки Тиквеш по подобро изведување на пенали ја совладаа Брера, а натпреварот во регуларниот дел заврши 1-1. Гостите од Струмица дојдоа во водство во судиското продолжение од првиот дел кога Цветановски биеше силно, топката на патот кон голот го промени правецот и заврши во мрежата на голманот на Тиквеш.
Во второто полувреме кавадарчани успеаја брзо да се вратат во игра израмнувајќи со голот на Куреж на 1-1. До крајот немаше голови, па пеналите одлучуваа за победникот.
Во пенал серијата херој беше голманот на Тиквеш, Ренер кој го одбрани ударот на Ѓорѓиевски во осмата серија.
Натпреварот меѓу Работнички и Шкупи е одложен за утре откако обилниот дожд во Скопје го направи теренот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари невозможен за игра. Дуелот ќе се одигра утре на теренот на ФФМ со почеток од 13 часот.
Четвртфинале Куп на Македонија:
Македонија ЃП – Силекс 1-0 (Алији 66 мин.)
Брегалница – Воска 0-1 (Јашаровски 69 мин.)
Тиквеш – Брера 1-1 (6-5) (Куреж за Тиквеш, Цветановски за Брера)
Утре
Работнички – Шкупи