Напаѓачот на Барса Роберт Левандовски веќе покажа лош пример и го олади Чави Ернандес на гостувањето во Сан Себастијан кај Реал Сосиедад, но денеска нешто слично повтори и кон свој соиграч за време на дуелот со Алавес.
Полјакот беше спасител за Барселона и тој со два гола се погрижи за пресврт од 2:1, но специјализираните шпански емисии уште еднаш го презентираа и лошиот пристап кој го има голгетерот во последно време.
Овојпат мета на Левандовски беше Ламине Јамал, суперталентираниот 16-годишен фудбалер на Барселона кој морал да ги трпи забелешките од искусниот голгетер, но и да биде дел од непријатен момент.
По една акција во 72-та минута, Левандовски бесно му се обрати на својот 19-години помлад соиграч, па одби и да му подаде рака во ситуација кога Ламине му даваше објаснување.
Ваквиот потег на Полјакот наиде на доста негативни реакции во јавноста, а истиот беше уловен од специјализираните емисии, но и од еден фан на стадионот.