Англиските фудбалери ја декласираа Албанија со 5-0 во претпоследното коло од групата И од квалификациите за Светското првенство.

Горди Албион ги постигна сите пет гола во првото полувреме, а хет-трик постигна одличниот Хари Кејн.

Најпрвин Хари Мекгваер ги начна гостите во деветтата, за во 18. Кејн  само да се поклони по центаршутот на Хендерсон.

Тие ги сменија улогите десет минути подоцна, кога капитенот на Ливерпул ја искористи топката на Кејн, ја измеша одбраната на Албанија и го совлада Стракоша.

Кејн постигна нов гол во 33, а најубавиот на мечот беше забележан во продолжението, кога по еден корнер одлично ја зафати топката и со волеј удар ја смести во мрежата.

Албанија со овој пораз остана без теоретски шанси да се најде во плеј-офот, додека Англичаните практично обезбедија пласман на Мундијалот.

https://www.youtube.com/watch?v=RfVrOVlStmg

Пред крајот на колото имаат три бода повеќе од Полска, подобра гол-разлика и во последниот меч му гостуваат на слабиот Сан Марино, па само сензација на векот може да не ги однесе од Катар.

Полјаците, инаку, лесно ја совладаа Андора на гости – 4:1, а работата им беше олеснета во 21. секунда, кога Фернандеш заработи црвен картон поради удар со лакт.

Левандовски двапати ја погоди мрежата на домашните, а по еден погодија Јозвијак и Милик. Почесен гол за Андора даде Валес.

Во рамките на оваа група, во натпревар без значење, Унгарија го победи Сан Марино со 4:0.