Египет со победа ги отвори настапите во квалификациите за следното СП, во Каиро го декласира Џибути со 6-0. Прва звезда на натпреварот беше Мохамед Салах, кој постигна четири гола и стана најдобар стрелец на Египет во историјата на еден циклус квалификации. Салах стигна до 15 гола, претекнувајќи го Мохамед Абутрика, кој има 14.
Титулата огромен фаворит Египќаните ја оправдаа до 22. минута кога водеа со 2-0, а двата гола ги постигна токму голгетерот на Ливерпул. Првиот во 17. минута по убавата асистенција на Мохамед, а вториот пет минути подоцна од пенал. Салах го комплетираше „хет-трикот“ во 48. минута, а во 69. зголеми на 4-0 по уште една одлична акција.
Четири минути подоцна Мостафа Мохамед го постигна петтиот гол за Египќаните, а конечните 6-0 ги постави Трезеге на минута пред крајот на натпреварот.
Победниците на групите од африканските квалификации ќе се пласираат на СП 2026 година, а најдобрите четири второпласирани селекции ќе играат за еден претставник во интерконтиненталните квалификации.