Италија конечно се израдува на натпревар против Македонија, а избраниците на Благоја Милевски одиграа лошо прво полувреме во кое примивме три гола кои на крајот се покажаа како пресудни за поразот.
Италија од самиот старт тргнаа силно кон нашиот гол, брзо дојдоа до водство, но првиот гол им беше поништен поради офсајд. Следуваше удар на Киеза и одбрана на Димитриевски, но веднаш потоа примивме гол. Во 17. минута по центаршут на Распадори, Дармијан се најде сам пред нашиот гол и непречен од никој постигна гол со глава.
Во 40. минута Италија доби пенал, Серафимов играше со рака во нашиот шеснаесетник. Жоржињо се обиде со неговото карактеристично потскокнување да го изненади Димитриевски, но македонскиот голман го одбрани неговиот удар.
Веднаш потоа на сцена стапи Киеза, за кратко време ни даде два гола и на полувремето Италија имаше водство против Македонија со убедливи 3-0.
По седум минути игра во вториот дел Јани Атанасов по асистенција од Алиоски го матираше Донарума со извонреден удар со глава, намаливме на 3-1 и покажавме дека уште сме во натпреварот.
Македонија комплетно се врати во игра, во 74 минута Атанасов со удар од далечина и мала помош од Ачерби постигна уште еден гол, намаливме на 3-2 и за момент го замолкнавме Олимпико.
Десетина минути пред крајот, Распадори постигна гол за 4-2 и ги сруши нашите надежи дека уште еднаш можеме да ја изненадиме Италија.
Во судиското продолжение гол ни даде и Ел Шарави и ги постави конечните 5-2 за Италија.
Италијанците беа подобри на овој дуел, покрај Атанасов со двата гола од нашата репрезентација се истакна и Столе Димитриевски кој имаше неколку фантастични интервенции со кои не дозволи да загубиме и поубедливо.
Македонија игра против Англија во понеделник, а Италија има директен дуел со Украина за пласман на Европското првенство, азурите треба само да останат непоразени на тој дуел.