Барселона денеска од 14 часот гостува во Мадрид, кај Рајо Ваљекано.
Разликата меѓу двата клуба според историјата и рејтингот е огромна, но откако е Чави на клупата на Барса, каталонскиот тим уште нема победа против овој тим. Еден од главните виновници за тоа е македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски кој кога брани против Барселона има посебна мотивација.
На три натпревари кои ги одиграа Барса и Рајо Ваљекано по доаѓањето на Чави на чело на каталонците, мадридскиот тим оствари две победи (една на Камп Ноу) и еднаш одиграа нерешено, а македонскиот репрезентативец два пати ја сочува својата мрежа и еднаш беше прогласен за играч на натпреварот. Чави нема толку лош биланс против ниедна екипа од Шпанија откако ја презеде Барселона.
Проблем пред денешниот натпревар е тоа што Рајо Ваљекано е во голем пад во својата форма и во последните пет кола освои само четири бода. Опстанокот засега не е во прашање бидејќи разликата со 18-пласираната Селта изнесува 11 бода, но ако вака продолжи, тимот на Димитриевски може да падне во долниот дел од табелата. Барселона е ослабена и со неиграњето на младиот Гави кој доживеа тешка повреда играјќи за репрезентацијата на Шпанија.