Италијанецот Јаник Синер извојува неверојатна победа против Новак Ѓоковиќ во нивниот дуел од тенискиот Дејвис куп, па мечот во двојки ќе решава дали во финалето против Австралија ќе се најде Србија или Италија.
Поразот на Ѓоковиќ може да се нарече неверојатен затоа што во решавачкиот трет сет, при водство од 5-4 во гемови, тој водеше со 40-0 и имаше три меч-топки на сервис на Синер. Италинанецот со серија поени се спаси од пораз и го освои гејмот, а потоа веднаш направи и брејк, и наредниот на свој сервис, па со 7-5 го победи светскиот рекет број 1, на кого му се реваншираше за поразот во Торино во финалето на завршниот Мастерс.
Беше најавено дека во двојки за Србија ќе играат Ѓоковиќ и Лајовиќ, па останува да се види дали најдобриот тенисер психички ќе биде спремен вечерва да игра уште еднаш.
Италија и Србија ги завршија натпреварите во сингл-конкуренција и патникот во финалето ќе се решава во двојки, затоа што Миомир Кецмановиќ победи, а Новак Ѓоковиќ го загуби својот натпревар.
Предноста за Србија ја донесе Миомир Кецмановиќ, кој по тешка битка која траеше два и пол часа го совлада Лоренцо Мусети со 2-1 во сетови (6-7, 6-2, 6-1). Првиот сет го реши тај-брејкот, но потоа Србинот беше доминантен и заслужено донесе 1-0.