Првиот светски тенисер на АТП ранг-листата, Новак Ѓоковиќ, не успеа да ја однесе Србија во финалето на Дејвис купот, откако денеска му се случи нешто неверојатно, ги загуби двата дуели против Јаник Синер. Италија во полуфиналето славеше со 2-1 во победи и ќе има финална пресметка со Австралија во финалето на Дејвис купот.
Новак Ѓоковиќ прво во дуелот во сингл, загуби од Јаник Синер со 2-1 во сетови, и тоа само една недела откако славеше над Италијанецот во финалето на завршниот АТП мастерс турнир кој се играше во Торино. А имаше три меч топки, но на крајот загуби.
Одлучувачкиот дуел во полуфиналето беше во двојки, а двете селекции настапија со најдобрите состави, за Србија играа Ѓоковиќ и Миомир Кецмановиќ, додека Синер и Лоренцо Сонего за Италија.
На крајот славеа Италијанците во два сета и тоа со 6:3,6:4. Првиот сет беше решен во шестиот гем кога Италијанците направија брејк и поведоа со 4:2 во гемови и потоа со сигурен сервис ја задржаа предноста.
Во вториот сет, Синер и Сонего први дојдоа до брејк во третиот гем, но Ѓоковиќ и Кецмановиќ експресно возвратија. Сепак, во седмиот гем, Синер и Сонего ја искористија втората брејк топка која ги однесе во финалето каде ги чека Австралија.