Фудбалскиот клуб Барселона денеска ја прославува 124-тата годишнина од своето формирање, а одбележувањето на роденденот е во позитивно расположение по синоќешната победа над Порто, која ја однесе Барса во осминафиналето во Лигата на шампионите.
По пауза од две сезони, Барса првпат по заминувањето на Лионел Меси се враќа во нокаут-фазата во ЛШ.
Клучни играчи кои го однесоа каталонскиот гигант во осминафинале се двајцата Португалци со исто име Жоао, кои во тимот играат како позајмени. Иако официјално не се играчи на Барса, Феликс и Кансело даваат голем придонес за тимот, а синоќа беа и стрелци на двата гола за пресврт против Порто.
Жоао Феликс е и прв стрелец на Барса сезонава во Лигата на шампионите со три голови. Тој синоќа го прекина постот од 12 натпревари по ред на кои немаше дадено гол, па заборавени се сите критики на негова адреса изминатиот период. И бекот Кансело е незаменлив и важна алка во тимот на Чави, вчера одигра одлична партија со гол и асистенција и без него овој успех не би бил можен.