Реал Мадрид славеше во дербито на колото во групата Ц од ЛШ со 4-2 (2-1) против Наполи на „Сантијаго Бернабеу“. Во вистински спектакл, со шест погодоци, гостинот поведе пред „кралот“ да се разбуди и на крајот да се радува на нова голема победа. Реал остана максимален по пет кола, додека Наполи во последното коло мора барем да ремизира со Брага за да избори осминафинале.
Во една мешаница Ди Лоренцо асистираше до Џовани Симеоне, а Аргентинецот погоди за 0-1. Иако голманот Лунин се обиде да ја изнесе, топката ја помина гол-линијата. Практично во следната акција „кралевите“ израмнија. Одлична акција по левата страна, Брахим Диаз до Родриго, а Бразилецот испрати дијагонала во спротивниот агол за 1-1. Веќе во 22. минута Реал направи целосен пресврт, со голот на новата ѕвезда Џуд Белингем. Англичанецот доби нафрлување од Алаба, па со глава го матира Мерет за 2-1. До полувремето шанса за домаќинот имаше и Брахим Диаз, ама безуспешно.
Веднаш на стартот на второто полувреме Франк Замбо Ангиса, се обиде да нафрли, ама одбиената топка му се врати на волеј кој го испрати зад грбот на Лунин за 2-2 во 47. минута. Во продолжението Наполи почна да се буди, иако Реал имаше контрола. Поради офсајд му беше поништен гол на Виктор Осимен.
Наполи се спасуваше да не прими трет гол во неколку наврати. Џуд Белингем беше најрасположен за игра, имаше обид со глава, а потоа и зицер кои Мерет му ги скроти, додека по одбиени топки се закануваа Алаба и Хоселу. Конечно отпорот на Наполи беше скршен во 84. минута, стрелец беше младиот аргентински фудбалер Николас Паз кој со удар од преку 25 метри го натера Мерет на грешка (3-2). До крајот на мечот Ељиф Елмас, кој влезе во 65. минута, и соиграчите се обидоа да се вратат резултатски, меѓутоа не успеаја во тоа. Реал со четврти гол преку Хоселу само ја потврди победата 4-2.