Сезоната од соништата на малиот клуб од Каталонија , Џирона и лидерската позиција на табелата во шпанското првенство го привлекоа вниманието на многу посилни и побогати клубови. Хит тимот на шпанската Ла Лига игра во одлична форма и по 16 одиграни натпревари со само еден пораз е на лидерското место, и кандидат за титулата.
Еден од играчите кој го привлече вниманието кон себе е Мигел Гутиерез. Многу англиски клубови претходно се распрашуваа за него, а по последното коло, добрата игра и голот против Барселона, интересот се зголеми. Очигледно и Манчестер Сити е заинтересиран за 22-годишниот лев бек кој може да се користи и на левата страна во средниот ред.
Според англиските медиуми, Манчестер Сити е подготвен да одвои 40 милиони евра за да го обезбеди доаѓањето на Гутиерез.
Сепак, намерите на Сити може да ги расипе Реал Мадрид, клубот за кој Гутиерез одигра десет натпревари, пробивајќи се од младинскиот во првиот тим во 2021 година.
Реал лани го продаде на Џирона за само 4 милиони евра, но во договорот стави клаузула за правото на прво купување – 8 милиони евра ако го доведат на лето, 9 милиони во летото 2025 година и 10 милиони ако го враќаат една година после тоа.
Гутиерез е под договор со Џирона до летото 2027 година.