Англискиот шампион Манчестер Сити полека заостанува во трката за врвот, откако на неверојатен начин ја пропушти победата и одигра само 2-2 на „Итихад“ против Кристал Палас. Тимот на Пеп Гвардиола имаше сигурно водство од 2-0 со головите на Џек Грилиш во 24.минута и на Рико Луис во 54.минута, а потоа во финишот успеа тоа да го прокоцка.
Матета во 76.минута му даде надеж на гостинскиот тим, а потоа во 95.минута, по фаулот што го направи Фил Фоден, беше досуден пенал кој што во гол го претвори Олисе.
Денешните попладневни средби во англиската Премиер лига донесоа една фудбалска и една животна драма на терените, првата на дуелот помеѓу Манчестер Сити и Кристал Палас, а втората во пресметката помеѓу Борнмут и Лутон.
Фудбалерите на Челси и на Њукасл во првите 45 минути на средбите против Шефилд Јунајтед односно Фулам немаа решение за противниците, со оглед што мрежите на двата меча останаа да мируваат. Но затоа пак во продолжението заедно постигнаа вкупно пет гола. Палмер и Џексон ги решија сите дилеми во Лондон уште во првите 15 минути од вториот период, додека Мајли, Алмирон и Бурн му донесоа три бода на домаќинот на „Сент Џејмс Парк“.
Животната драма на Том Локиер од Лутон беше причина што средбата на овој тим кај Борнмут не беше доигран. Тој колабира на теренот, а дека ситуацијата не е наивна говори и реакцијата на сите останати, кои почнале да се молат за неговиот живот.