Фудбалерите на Пеп Гвардиола рутински триумфираа во полуфиналната пресметка против Урава (3-0), а во последната битка за титулата ги чека тимот на Фернандо Диниз кој создаде единствен систем во светот на врвниот фудбал. Противниците на Флуминенсе никогаш не знаат како ќе бидат нападнати, бидејќи поголемиот дел од играта се сведува на импровизација.
Бразилскиот гигант од Рио де Жанеиро го постигна најголемиот успех во 121-годишната историја на клубот – го освои трофејот во Копа Либертадорес. Дополнителна возбуда на навивачите им даде податокот дека најважниот пехар во јужноамериканскиот клупски фудбал беше освоен на легендарната „Маракана“, против гигантот Бока Јуниорс. Флуминенсе дојде во Саудиска Арабија до победа во полуфиналето, а сега ќе се обиде во битка со моќниот Сити да се искачи на врвот на светот. Бразилците ја совладаа првата пречка, незгодниот египетски Ал Ахли, победија со 2-0 со головите на Аријас и Кенеди, а сега ќе водат тешка битка против европскиот првак.
Флуминенсе има можност да биде првиот неевропски клупски светски шампион после единаесет години, по Коринтијанс во 2012 година. Коринтијанс го освои трофејот победувајќи англиски клуб во финалето, Челзи. Досега Интерконтиненталниот куп и Светското клупско првенство го освоиле 30 клубови, а победник од овој дуел ќе биде 31-виот.