Екипата на Рома го победи актуелниот шампион Наполи со 2-0 во последниот натпревар од 17. коло на Серија А и го симна дури на седмата позиција на табелата.
Три четвртини од натпреварот, играта беше израмнета, а потоа домаќинот ги искористи подароците од противникот. Десетина минути откако Политано ја направи првата глупост и доби директен црвен картон поради старт без топка, Рома поведе преку Пелегрини кој на фантастичен начин го совлада Мерет.
На четири минути пред крајот на основните 90, во соблекувална мораше да замине и Виктор Осимен, исто така поради груб старт со таа разлика што за него ова беше втор жолт картон. Во судиското продолжение, Лукаку го искористи фактот што Наполи игра со само девет фудбалери и го постави конечниот резултат.
За Наполи ова е втор пораз по ред на гостински терен, а доаѓа откако претходно шампионот беше седум меча во низа несовладан надвор од својот стадион. По 17 кола, актуелниот италијански шампион има дури 17 бода негатива во однос на лидерот Интер.